Во просториите на НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Струмица се реализираше интерактивна едукативна работилница со ученици од ООУ „Маршал Тито“ – Струмица од предметна настава, на тема: „Уметноста во праисторијата“.
Преку теоретски вовед и практична активност, учениците имаа можност да се запознаат со развојот на уметноста во праисторискиот период, со фокус на пештерското сликарство, како еден од најстарите облици на визуелна комуникација на човекот. Посебен акцент беше ставен на техниките и мотивите кои праисторискиот човек ги користел при изработката на пештерски цртежи, најчесто инспирирани од секојдневниот живот, лов, животински свет и симболички претстави.
Во креативниот дел од работилницата, учениците самостојно креираа цртежи, користејќи природни бои и материјали, симулирајќи ја техниката на праисториското сликање, со што ја продлабочија својата имагинација и разбирање за културниот развој на човекот низ времето.
Оваа работилница е дел од континуираната програмска активност на Музеј – Струмица насочена кон едукација на младата популација и негување на љубовта кон културното наследство.

