Во текот на наставниот час по предметот Филозофија за деца, кој го реализираше професорката Трајанка Колева, учениците имаа можност да учествуваат во интересна и интерактивна активност посветена на нашите сетила и начинот на кој го доживуваме светот околу нас. На часот присуствуваа и директорката, стручната служба на училиштето (педагог и психолог), како и дефектологот, кои имаа можност да ја проследат работата и активното учество на учениците.
На почетокот од часот учениците беа запознаени со темата и со активностите што ќе се реализираат. Разговорот започна со потсетување на основните човекови сетила и нивната улога во секојдневниот живот. Во главниот дел од часот, професорката на таблата ги запиша глаголите: гледам, слушам, мирисам, допирам, вкусувам. Потоа учениците учествуваа во практична активност со кошница исполнета со различни предмети: памук, примерок од парфем, парче ткаенина, фотографија, мала музичка кутија и други предмети. Секој ученик извлече по еден предмет и доби бонбонче со различен вкус. Задачата беше да го опишат предметот и вкусот на бонбончето, објаснувајќи преку кое сетило ја добиле информацијата: дали нештото го виделе, го слушнале, го помирисале, го допреле или го вкусиле. Покрај секој глагол на таблата се бележеше колку пати бил спомнат. Учениците потоа ги поврзаа глаголите со соодветните сетила: вид, слух, мирис, вкус и допир.
Оваа активност поттикна дискусија за тоа кое сетило најчесто го користиме и кое е најважно за нас во секојдневниот живот. Учениците размислуваа и одговараа на прашања како:
Без кое сетило животот би бил многу потежок?
Кое сетило го користите најмногу во секојдневието?
Дали некогаш би сакале да „исклучите“ некое сетило?
Кога видот може да нè измами?
Во следната активност на учениците им беа прикажани неколку познати оптички илузии, по што тие опишуваа што се случува со нивниот вид. Некои слики создаваа впечаток дека позадината исчезнува, дека боите се менуваат или дека делови од сликата се губат кога се фокусира погледот. Заклучија дека понекогаш сетилата може да нè измамат. Учениците размислуваа за прашања како:
Дали секогаш можеме да се потпреме на сетилото за вид?
Дали сите луѓе го гледаат истото нешто?
Можеме ли секогаш да бидеме сигурни во она што го гледаме?
Во завршниот дел учениците набљудуваа слика на предмет што е зголемен и слика од истиот предмет во природна големина. Преку разговор дојдовме до заклучок дека предметот не се променил – се променила само нашата перспектива. Учениците сфатија дека сетилата ни помагаат да ја разбереме околината, но понекогаш можат и да нè измамат, па затоа е важно да размислуваме критички за она што го перцепираме.
На овој час учениците имаа можност да ги вклучат сите сетила и да откријат дека еден ист предмет може да се препознае преку различни сетилни искуства. Преку ова искуство повторно докажавме дека учењето е најинтересно кога учениците истражуваат, експериментираат и размислуваат заедно.

