Во духот на долгата струмичка традиција и почетокот на Велигденските пости, вработените во ООУ „Маршал Тито“ и оваа година го одбележаа празникот Тримери.
Како колектив кој не само што образува, туку и ги негува културните вредности, се собравме околу традиционалната тримерска трпеза. Со автентични посни специјалитети карактеристични за нашиот крај — од вкусниот струмички посен чурек и сарма, па сè до бозата и алвата — уште еднаш ја потврдивме заложбата за зачувување на обичаите кои се идентитет на нашиот град.
Овие моменти на заедништво се потсетник дека почитувањето на минатото е патот кон градење на поцврста и посплотена заедница. Преку ваквите неформални дружења, го зајакнуваме колективниот дух, пренесувајќи им ја пораката за значењето на традицијата и на нашите ученици.

