Националната установа Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Струмица, под водство на раководителите Пенка Мишева и Даниела Стоилкова, денес (6.10.2025) реализираше едукативна работилница на тема „Сѐ за везење“.
Во активноста учествуваа ученици од ООУ „Маршал Тито“ – Струмица, заедно со наставничките Ленче Чиркова и Трајанка Колева, кои имаа можност одблизу да се запознаат со уметноста и традицијата на везот, еден од најубавите елементи на нашето нематеријално културно наследство.
Работилницата се одвиваше во две фази:
Во првиот дел беа презентирани музејски везени предмети и беа претставени различни техники на везење, видови платна, како и мотиви што се користеле низ времето. Во вториот дел, учениците практично се обидоа во везење, избирајќи сопствени мотиви и комбинации на бои. Со голема посветеност и интерес тие создадоа свои први везени украси, совладувајќи уште една нова и креативна вештина – везење со игла и конец.
Оваа активност е дел од континуираните напори на Музеј – Струмица за популаризација на традиционалните занаети и културното наследство кај најмладите генерации, поттикнувајќи љубов кон уметноста и почит кон културната историја.

