Денес, под менторство на професорката Анета Крстова, се одржа интерактивна работилница на тема меѓуврсничко насилство, во која учествуваа ученици од VIII и IX одделение.
Целта на работилницата беше да се подигне свеста кај учениците за препознавање на различните форми на врсничко насилство, неговите последици и важноста од правилно, одговорно и навремено реагирање во ситуации на насилство.
Преку повеќе интересни и едукативни активности, учениците имаа можност да размислуваат за реални ситуации, да разменуваат мислења и да дискутираат за начините на кои можат да придонесат за создавање безбедна, пријателска и поддржувачка училишна средина.
Една од активностите беше „Семафор на однесувањето“, преку која учениците учеа како да ги препознаваат проблематичните ситуации и како да донесуваат правилни одлуки при решавање конфликти.
🔴 Црвено – Застани! Препознај го однесувањето што може да повреди некого. Не реагирај импулсивно и не возвраќај со навреди или насилство.
🟡 Жолто – Размисли! Разгледај ја ситуацијата, размисли за последиците од своите постапки и пронајди безбеден начин за реакција.
🟢 Зелено – Избери! Избери соодветна реакција, постави граници, поддржи го ученикот што е изложен на насилство и побарај помош од возрасен кога е потребно.
Преку оваа и останатите активности, учениците ја истакнаа важноста на почитувањето, емпатијата, меѓусебното разбирање и ненасилното решавање на конфликтите. Особено внимание беше посветено на тоа дека молчењето не е решение и дека секој ученик може да придонесе во спречувањето на врсничкото насилство.
Насилството не е шега, а почитувањето и поддршката се избор што го правиме секој ден. Со заеднички напори можеме да изградиме училиште во кое секој ученик ќе се чувствува безбедно, прифатено и почитувано.

