Учениците од петто одделение, заедно со своите наставници Славе Ковачев и Ирена Ристова Стевкова, реализираа едукативна работилница на тема „Стоп на врсничкото насилство!“, со цел подигнување на свеста за проблемот со насилството, неговите различни форми и последиците што ги остава врз децата.
Преку низа интересни и интерактивни активности, учениците имаа можност да се запознаат со реалните ситуации на врсничко насилство, да научат како да го препознаваат и да размислуваат за важноста на меѓусебното почитување, разбирањето и прифаќањето на различностите.
Работилницата започна со видео-презентација, преку која учениците имаа задача да препознаат различни ситуации на насилство и да ги разликуваат неговите видови – физичко, вербално, психолошко и дигитално насилство. Преку разговор и дискусија, тие ги споделија своите размислувања и научија дека секој облик на насилство може да остави последици и дека никој не треба да се чувствува исплашено, повредено или отфрлено.
Во продолжение, секој ученик напиша своја порака против врсничкото насилство во симболичен балон. Сите пораки беа поставени на заедничко пано, кое стана симбол на нивната поддршка, пријателство и заедничка заложба за создавање безбедна и пријатна училишна средина.
Посебен дел од работилницата беа видео-пораките на учениците, преку кои тие упатија силни и искрени пораки за стопирање на врсничкото насилство. Со своите зборови, учениците испратија порака дека навредите, исмејувањето, заканите и исклучувањето не се начин за решавање на проблемите, туку дека со разговор, разбирање и поддршка можеме да изградиме подобри односи меѓу себе.
За крај, учениците учествуваа во едукативен квиз со прашања подготвени од наставниците. Преку игра и дружење, тие го проверија своето знаење, ги утврдија научените содржини и уште еднаш потврдија дека секој од нас има важна улога во спречувањето на насилството.
Работилницата помина во позитивна, пријатна и мотивирачка атмосфера. Учениците беа задоволни од активностите, активно учествуваа и покажаа подготвеност да ги препознаваат и да ги осудуваат сите форми на насилство. Преку оваа едукативна активност се поттикнаа емпатијата, солидарноста, меѓусебното почитување и чувството за одговорност кон соучениците.
Со ваквите активности испраќаме јасна порака: секое дете заслужува да се чувствува безбедно, прифатено и почитувано. Да бидеме поддршка еден на друг, да не молчиме пред неправдата и заедно да градиме училиште во кое владеат пријателството, разбирањето и љубезноста.
ЗАЕДНО СМЕ ПОСИЛНИ!
СТОП НА ВРСНИЧКОТО НАСИЛСТВО!
ДА НА ПРИЈАТЕЛСТВОТО, ПОЧИТУВАЊЕТО И ЉУБЕЗНОСТА!

