По повод месецот на книгата (15 октомври – 15 ноември) учениците од III и VI одделение, под менторство на професорките Елена Милкова и Ѓургица Костадиновска денеска ја посетија градската библиотека „Благој Јанков Мучето“.
Посетата беше прекрасна можност учениците одблиску да се запознаат со работата на библиотеката, да ја откријат разновидноста на книжниот фонд и да ја почувствуваат магијата на читањето. За време на посетата, тие ѝ поставуваа интересни прашања на директорката Васка Кирова, ги разгледуваа книгите и со љубопитност читаа кратки басни и раскази.
Топлиот пречек, пријатниот амбиент и богатството на книжевниот свет придонесоа оваа посета да биде исполнета со позитивни впечатоци, нови сознанија и радост од дружењето со книгите.
Инспирирани од прекрасното искуство, учениците ветија дека повторно ќе ја посетат библиотеката, затоа што секоја книга крие нова приказна, а секое читање отвора врата кон нови светови.
Книгите нè зближуваат, нè инспирираат и ни помагаат да растеме!
