Денес, 21 октомври, по повод Светскиот ден на јаболкото, учениците од III-1 одделение, под менторство на својата учителка Елена Милкова, реализираа креативна, практична и интерактивна наставна активност по математика, поврзувајќи ја темата за јаболкото со изучувањето на 3Д-формите (геометриските тела).
Тргнувајќи од значењето на јаболкото како здраво и хранливо овошје, активноста имаше за цел да го поттикне интересот кај учениците за правилна и здрава исхрана, како и да ја подигне свеста за важноста на создавањето здрави навики уште од најрана возраст.
„Ако сакаш да бидеш здрав како дрен, јади барем едно јаболко на ден!“ – познатата народна изрека беше поттик за разговор за придобивките од консумирањето јаболка. Учениците споделуваа совети за нивно правилно консумирање и се запознаа со хранливите состојки што ги содржат.
Дополнително, учениците дознаа повеќе за најпознатите региони во нашата земја во кои се одгледуваат јаболка, особено за Преспанскиот Регион, со центар во Ресен, како и за Тетовскиот Регион.
Посебна радост внесе и заедничката ужина – сите ученици донесоа јаболка, со што на симболичен и практичен начин ја поддржаа пораката за здрава исхрана.
Преку оваа активност, учениците учеа низ игра, истражување и непосредно искуство, поврзувајќи ги математичките знаења со секојдневниот живот и грижата за сопственото здравје.

