Во рамки на одбележувањето на Деновите на Еразмус 2026, во Младинскиот центар при Општина Струмица се одржа едукативно предавање на тема „Европа, Еразмус+ и моите вештини во дигиталниот свет“.
Учениците од нашето училиште имаа можност да се запознаат со програмата Еразмус+ и придобивките што истата ги нуди за младите, меѓу кои се: учењето странски јазици, запознавањето нови пријатели, откривањето различни култури и проширувањето на видиците. Дополнително, млади учесници на нивна возраст ги споделија своите искуства од патувањата и активностите реализирани преку програмата, поттикнувајќи ги учениците да ги истражат можностите за меѓународна размена и соработка.
Во вториот дел од настанот беше реализирана презентација и едукативна лекција за дигиталните вештини, подготвена од млади учесници и нивните ментори. Преку прашања поврзани со содржината на лекцијата и интерактивни игри, учениците имаа можност да го проверат и надградат своето знаење на забавен и креативен начин.
Настанот придонесе за подигнување на свеста кај младите за значењето на европските образовни можности, меѓукултурната размена и развојот на дигиталните компетенции како важни вештини за современиот свет.


