IV-1 одделение го одбележа Денот на ретките болести во топла и креативна атмосфера.
Во нашето виолетово катче, учениците седеа на подот и преку уметничка изработка ја изразија својата поддршка и емпатија.
На голем хамер изработивме зебра – симбол на ретките болести и на уникатноста. Околу неа ги поставивме детските раце, обоени со црно-бели линии, како потсетник дека секој од нас е посебен и незаменлив дел од заедницата.
Изработивме и разновидни пеперутки – симбол на нежноста, силата и надежта. Преку нив децата научија дека и покрај предизвиците, секој човек може да расте, да се развива и да ги рашири своите крилја.
Разговаравме дека ретките болести се ретки, но луѓето што живеат со нив се храбри, вредни и заслужуваат разбирање и почит.
Мото на нашата активност:
„Различни како шарите, а еднакви во срцето.“
Како шарите на зебрата и крилјата на пеперутката, секој од нас е различен – но сите сме еднакви во срцето.
Преку симболичната активност – редење сложувалка, учениците научија дека како што секое парче е неопходно за целосна слика, така и секој човек е важен и незаменлив.“

