Во рамки на активностите посветени на детската недела (5 – 11 октомври) и детските права, учениците од III-1 одделение, заедно со одделенскиот наставник Елена Милкова, подготвија видео-материјал преку кој ја пренесоа пораката за важноста на правото на име, идентитет и припадност – права загарантирани со Конвенцијата за правата на детето.
Преку своите лични претставувања, учениците покажаа дека секој човек е единствен, но и дека различностите можат да бидат темел на едно силно и сплотено заедништво. Во видеото тие ги споделија своите имиња, национална припадност и дел од својот идентитет, испраќајќи порака за меѓусебна почит, прифаќање и соживот.
„Јас сум Димитар и сум Македонец“, „Јас сум Берат и сум Турчин“ – се дел од пораките преку кои учениците ја истакнаа убавината на мултикултурноста и богатството што го носат различните традиции, јазици и култури во едно училиште.
Видеото потсетува дека секое дете има право на свое име и идентитет и дека сите деца, без разлика на нивната припадност, имаат еднакви права и еднаква вредност. Истовремено, тоа ја нагласува улогата на училиштето како место каде што се градат знаења, пријателства и вредности што ги поврзуваат луѓето.
Преку оваа активност учениците испратија едноставна, но силна порака: различните имиња, култури и потекла не нè разделуваат, туку нè зближуваат и нè прават побогати како заедница.
