Денес, 21 октомври 2026 година, во ООУ „Маршал Тито“ – Струмица се одржа вториот ден од дводневната обука за претставници на Ученичкиот парламент за учество, инклузија и спроведување ученички иницијативи, под менторство на Трајанка Колева и Тања Ташева Палифрова.
Во текот на обуката, учениците ги анализираа резултатите од спроведената анкета, ги идентификуваа најзначајните проблеми и преку демократски процес избраа приоритетен проблем на кој ќе се однесува нивната иницијатива. Преку интерактивна работа и групни дискусии, тие продолжија со планирање конкретни активности, утврдување на потребните ресурси и поддршка, како и дефинирање на следните чекори за реализација на иницијативата.
Обуката се реализира во рамките на проектот „Зајакнување на инклузијата на деца со ПОП“, кој го спроведува Македонскиот центар за граѓанско образование (МЦГО), со поддршка на Детската фондација Песталоци.
Преку овие активности, учениците ги зајакнуваат своите капацитети за активно учество во процесите на одлучување и придонесуваат кон создавање поинклузивна, поправедна и поддржувачка училишна средина за сите.

