По повод 7 април – Светскиот ден на здравјето, учениците од IV¹ и IV² одделение при ООУ,,Маршал Тито” Струмица заедно со нивните одделенски наставници Ирена Ристова Стевкова и Славе Ковачев реализираа едукативна посета на СОУУД „Димитар Влахов“, каде што беа срдечно и топло пречекани од домаќините.
Во текот на посетата, учениците имаа можност да го продлабочат своето знаење за човековото здравје и значењето на неговото зачувување. Особено внимание предизвика престојот во лабораторијата, каде што со љубопитност и восхит набљудуваа преку микроскоп, откривајќи еден нов, невидлив свет. Преку практичната настава, тие активно учествуваа во изработка на крема, стекнувајќи нови вештини и искуства што ќе ги паметат.
Оваа посета беше не само поучна, туку и инспиративна, поттикнувајќи ја детската љубопитност и желба за истражување.
На крај, упатуваме искрена благодарност до раководството, професорите Емилија Котеска и Јасмина Цамбулева и учениците од СОУУД „Димитар Влахов“ за нивната гостопримливост, посветеност и за убавото искуство што им го овозможија на нашите ученици. Соработката и отвореноста се вистински пример за заедничка грижа за образованието и здравјето на младите генерации.

