Денес во нашето училиште, по повод Еко-денот, беше реализирана интересна и едукативна интерактивна активност посветена на „Танцот на пчелите“. Преку игра и тимска работа, учениците од 8 и 9 одделение имаа можност на забавен начин да научат повеќе за животот на пчелите, нивната комуникација и огромната важност што ја имаат за природата и биодиверзитетот.
Активноста ја реализираше професорката по хемија Тања Дрвошанова, која ги подели учениците во четири групи. Во секоја група еден ученик ја имаше улогата на пчела и имаше задача да сокрие мед, а потоа преку движења и знаци да им објасни на останатите ученици каде се наоѓа. Учениците внимателно ги следеа „пчелините“ сигнали и се обидуваа што побрзо да го пронајдат медот.
Сите четири групи успешно ја реализираа задачата, а времето им беше мерено за да се види која група најбрзо ќе стигне до целта. Најуспешна беше четвртата група, која успеа да го пронајде медот за само 25 секунди.
Преку оваа активност учениците научија дека пчелите комуницираат со специфичен „танц“ преку кој им покажуваат на другите пчели каде се наоѓа храната. Истовремено, тие сфатија колку е значајна улогата на пчелите во опрашувањето на растенијата и во одржувањето на биодиверзитетот и природната рамнотежа.
За активноста беше снимено и видео преку кое ја прикажавме играта и позитивната атмосфера за време на часот. Веруваме дека на учениците им беше особено интересно затоа што беа активни учесници и преку практична игра успеаја подобро да разберат како функционира светот на пчелите.

